Пожар од големи размери беснее во шумскиот предел во близина на црквата во албанскиот град Лач, Курбин, а во опасност се и блиските куќи.
– Ситуацијата е многу сериозна поради тешкиот терен, каде пожарот забрзано се прошири и поради ветерот. Пожарот е многу блиску до куќите, а загрозени се и црквата и гробиштата, напиша Нико Пелеши, министер за одбрана.
Додава дека веднаш се мобилизирани 50 припадници на вооружените сили, хеликоптер и две противпожарни возила на армијата, како и четири противпожарни возила од соседните градови Камез, Лежа и Мирдита за да помогнат во гаснењето на пожарот.
Министерот за внатрешни работи Таулант Бала објави дека заедно со градоначалничката на Лач „внимателно ја следат состојбата на терен каде пламените јазици забрзано се шират поради силниот ветер и боровата шума”.
Исто така објави дека полицијата успеала да го идентификува и уапси В.Х.(41) кој го подметнал пожарот.
– Во општина Курбин, на боровиот масив кај градот Лач, ја имаме една од најтешките ситуации создадени од пожарите годинава. Додека противпожарните сили од сите општини кај Курбин добија наредба да интервенираат, кон Лач заминаа и Цивилните итни случаи, вооружените сили и силите за брза интервенција. Државната полиција на дело уапси еден од сторителите на овој подметнат пожар В.Х. (41), пишува Бала.
Црквата „Свети Антониј” во Лач била изградена во 1300 година, уништена во 1971 година и повторно изградена и осветена во 90-тите години од минатиот век. На патронот на црквата, 12 јуни, тука се собираат илјадници албански граѓани независно од религиската припадност. Постои верување дека има исцелителна моќ.