Горат 100 тони хемикалии! Голем пожар во фабриката за бои и лакови во Тетово

На жителите на тетовското село Фалише им е забрането да ги отвораат прозорците и да ги напуштат своите домови, како и да се движат во радиус од два километри од фабриката за бои и лакови „Еуроком“ каде што избувна пожарот а горат околу 100 тони хемикалии.

Надлежните предупредуваа на енормно загадување на воздухот, а директорот на ЦУК Стојанче Ангелов побара од Министерството за животна средина да испрати мобилна станица за мерење на загаденоста, но од Министерството соопштија одговор дека немаат.

„Поради високата температура постои опасност да се урне целата зграда. На граѓаните им е забрането да се движат овде. Апелирам да не излегуваат од дома доколку немаат потреба, не се знае колкава е загаденоста, но има многу хемикалии“, рече Ангелов.

Центарот за јавно здравје во наредниот период ќе врши тестирање на водата и почвата.

„Нашата препорака е дека нема потреба да доаѓате на ова место бидејќи во моментов имаме јаглерод моноксид, јаглерод диоксид, диоксини и други штетни материи во воздухот во радиус од два километри. На луѓето им се препорачува да останат во своите домови и да не одат надвор доколку не е потребно Во наредниот период ќе се вршат испитувања на водата и почвата за да се утврди дали има загадување“, изјави д-р Ратко Давидовски од Центарот за јавно здравје Тетово.

Пожарот, откако го зафати речиси целиот магацин и продажен салон на „Еуроком“, на површина од 1.000 метри квадратни, се става под контрола.

Противпожарните единици од Тетово заедно со колегите од Куманово, Велес, Скопје и Гостивар го гаснат пожарот. Успешно спречиле пожарот да се прошири на соседните згради.