Градоначалникот Пецаков се сретна со претставници на Меѓународната полициска асоцијација за регионот Охрид

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков се сретна со претставници на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) регион Охрид, на која меѓу другото е разговарано за идејата и потребата од изградба на современа, модерна и безбедна велосипедска помеѓу Охрид и Струга.

Како што е истакнато на средбата, вело-патека помеѓу Охрид и Струга не е желба само на ИПА-членовите туку и на бројни граѓани од Охрид, Струга и цела Македонија, но и на илјадниците туристи кои го посетуваат охридско-струшкото крајбрежје.

Пецаков ја прифати поканата да биде учесник на дел од велосипедската тура Охрид- Струга – Радожда што во мај по седми пат ќе се одржи во организација на ИПА од Охрид и Струга.

Инаку, претседателот на Интернационалната полициска асоцијација – регион Охрид, Стефан Димоски и генералниот секретар Игор Смилески, во знак на благодарност за неговата континуирана поддршка на работата на ИПА во Охрид на градоначалникот му врачија Златна плакета за посебен придонес во развојот на ИПА Охрид.

Пецаков се заблагодари на високото признание, истакнувајќи дека Општина Охрид продолжува со поддршката на активностите на ИПА Охрид, за која рече дека преку меѓународната ИПА полициската соработка, претставува можност за афирмација на Охрид, а на професионален план значи чекор плус кон подигнување на степенот на безбедноста во нашата средина и пошироко.