Градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари и претседателот на Советот Ваљбон Лимани учествуваат на тридневниот Светски самит, што се одржува во Дубаи под мотото „Обликување на идните влади“.
Првиот човек на општина Гостивар искажа задоволство од поканата на, како што се напоменува во соопштението од локалната самоуправа, глобален дигитален состанок, чија цел е унапредување на стабилноста и просперитетот во светот.
– Заедно со политички лидери и бизнис секторот и експерти од целиот свет, ќе разговараме за тоа како меѓународната заедница може да се справи со сегашните и идните глобални предизвици кои влијаат врз развојот на човештвото, наведува Таравари.
На самитот, Таравари и Лимани, ќе разменат искуства со учесниците за теми за делувањето на владите за да се понудат конкретни и законски можности за промовирање на иновации во различни сектори кои влијаат на стабилноста и еднаквоста.
Учеството на овој самит е резултат на поканата на Омар Султан Алома, државен министер за вештачка интелигенција на ОАЕ и соработката со амбасадорот на Република Северна Македонија во ОАЕ во Абу Даби, Абдулкадер Мехмеди.