Град Скопје во криза: утре штрајк на вработените во ЈСП! На кој му одговараат вонредни избори?

Додека градоначалниците од скопскиот плански регион бараат решение за сметот во кој се угушија Скопјани во изминатите два дена поради протестот на вработените во ЈП Комунална Хигиена, на повидок се нови проблеми за градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Претставничката на Синдикатот Спајс при ЈСП, Елизабета Тошевска за утре најави штрајк на вработените пред управната зграда на ЈСП и редуциран возен ред во периодот од 4:30 до 12:30 часот.

Елизабета Тошевкса за МИА изјави дека вработените ќе штрајкуваат поради неисполнетите барања и игнорантскиот однос на раководството на јавното претпријатие околу барањата содржани во Колективниот договор. Тошевска вели дека овој чекор го преземаат бидејќи нема усогласување на минималната плата со Колективниот договор на ниво на работодавач, односно зголемување за 2.170 денари за вработените во претпријатието, како и кршење на правата од работен однос и безбедност и здравје при работа.

Доколку никој од раководството на ЈСП не ги прими на разговор, како што најави, тие по 12:30 часот ќе си заминат дома и во Скопје пак ќе нема автобуси.

-Причина за штрајкот е усогласување на минималната плата со Колективниот договор, неисплатата на прекувремени часови за прекувремена работа, неисплата на хранарина на работниците што работат навечер од 22 до 6 часот, дискриминација на помлад возач, луѓе кои се со лиценца и која важи секаде во светот, а тука се помлади возачи со години, рече Тошевска.

Таа информира дека во ЈСП вкупно се вработени 1.300 лица, а 600 се возачи.