Грамата: Најбезбедниот начин да се справиме со безбедносните предизвици на Западен Балкан е европската интеграција

 – Најбезбедниот начин да се справиме со безбедносните предизвици на Западниот Балкан е европската интеграција. Затоа Грција е постојан поддржувач на интеграцијата на Западниот Балкан, не само за да се постигне целта на самото пристапување, туку и за патот кон ЕУ, бидејќи најважното оружје против безбедносните предизвици се просперитетни и обединети општества.

Ова го порача специјалната претставничка на грчкото Министертсво за надворешни работи за Западен Балкан и амбасадорка на Грција во Романија, Софија Грамата, во своето обраќање на сесијата „Справување со безбедносните предизвици со (не)интегриран Западен Балкан во ЕУ“ на вториот ден на Преспа форумот за дијалог во Струга. 

Безбедносните предизвици, според Грамата, може да се адресираат и со зајакнување на воените капацитети на Западен Балкан.

– Преку нивните капацитетите за разузнавање, преку зајакнување на воените капацитети во склоп на НАТО, како и преку европскиот инструмент за мир, зјакнатата билатералната воена соработка, исто така, може да го зајакне одговорот кон безбедносните предизвици. Грција со Северна Македонија сега имаат зајакната воена соработка, земајќи ги предвид, не само значајните воени капацитети на Грција, туку и проширеното американско воено присуство во мојата земја, изјави Грамата.

Патот кон ЕУ е условен и овие предуслови, посочи Грамата, се однесуваат на прашањата со владеењето на правото, јакнење на демократијата, човековите права…

– Сите овие нешта ќе го зајакнат и обединат општеството на сите партнери на Западниот Балкан. И затоа, потребна ни е големата помош на ОБСЕ, изјави Грамата.

Зборувајќи од лично искуство низ преговорите за Договорот од Преспа, Грамата им порача на сите земји од Западен Балкан, дека се што е потребно за создавање на навистина добри соседски односи е добра волја за постигнување на добрососедски односи.  

– Преспанскиот договор и преговорите што беа дел од него, создадоа ситуација во која одделените соседи, станаа добри пријатели и добри соседи, изјави Грамата.