Грешка во системот за сигнализација ја предизвика несреќата во Индија во која загинаа повеќе од 300 луѓе

 – Повеќе од 300 луѓе загинаа, а стотици се повредени во страшната железничка несреќа што се случи во индиската држава Одиша.

Несреќата се случи во округот Баласор, во државата Одиша во петокот, по што започна голема спасувачка акција во која освен полицијата, учествуваа и припадници на Националната гарда за одговор при катастрофи, воени и други агенции, соопштија официјални лица.

Според првичните информации, несреќата е предизвикана од грешка во системот за електронска сигнализација и поради тоа возот погрешно го сменил колосекот, изјави денес индискиот министер за железница, Ашвини Ваишнав.

„Кој го стори тоа и која е причината, ќе го утврди истрагата“, рече Ваишнав.

Екипите работат на расчистување на теренот по железничката несреќа.

Станува збор за една од најсмртоносните железнички несреќи во земјата во последните неколку децении.

Првичната истрага откри дека на брзиот воз „Коромандел експрес“ му е даден сигнал да влезе на главната пруга, но подоцна сигналот е отстранет, а возот наместо тоа влегол во соседната пруга, каде што се судрил со товарен воз.

Потоа дошло до судир со уште еден воз. Патничките возови превезувале вкупно 2.296 патници.

Петнаесет тела се пронајдени во саботата вечер, а активностите продолжија и во текот на ноќта, бидејќи големи дигалки се користени за отстранување на вагоните.

Несреќата се случи во време кога премиерот Наренда Моди се фокусираше на модернизација на британската железничка мрежа од колонијалниот период во Индија. Индија во моментов е најбројна земја на светот со население од 1,42 милијарди луѓе.

И покрај напорите на Владата да ја подобри безбедноста на железницата, неколку стотици несреќи секоја година се случуваат во Индија, која ја има најголемата железничка мрежа во светот под една управа.

За повеќето железнички несреќи во Индија причина се човечки грешки или застарена опрема за сигнализација.

Повеќе од 12 милиони луѓе секојдневно се возат со 14.000 возови низ Индија, изминувајќи пат долг 64.000 километри по железничките линии.