Изборите не се решение. Единствено решение кое што е добро за вас, за нас, за сите граѓани, за цела наша држава, за цел наш регион е да пристапиме кон уставните измени и да ги поддржиме консензуално, изјави денеска во Гостивар првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби.
-Се виде дека уставните измени се технички, дека не задираат воопшто во македонскиот идентитет, дека не задираат воопшто во македонскиот јазик и дека од уставните измени нема да види никој ништо лошо, рече Груби во изјава за медиуми на „Саемот за вработување“ во организација на конзорциумот „Бехтел и Енка“, кој ги гради Коридорите 8 и 10д.
Груби рече дека в петок ќе се отвори дебатата за уставните измени и кажа дека работат и со ВМРО-ДПМНЕ и со поединци во ВМРО-ДПМНЕ за да, како што посочи, и „тие станат дел од градењето на иднината за нашите граѓани“.
Собранието в петок и официјално започнува со работа со 123. седница на која единствена точка на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија. Седницата треба да почне во 11 часот со утврдување на дневниот ред, по што треба да почне претресот за потребата од носење на уставните измени.