Грција воведува ново правило за туристите

Посетите на Акропол во Атина, најпопуларниот археолошки локалитет во Грција, од следниот месец ќе бидат ограничени на максимум 20.000 посетители дневно поради преголема гужва, со различни ограничувања на секој час, најави денеска грчката министерка за култура Лина Мендони.

Таа изјави дека е неопходно да се воведат регулативи за да се спречи создавање тесни грла и пренатрупаност на Акропол, пренесува АП.

Околу 23.000 луѓе дневно се стискаат во споменичкиот комплекс, а главно станува збор за големи групи кои го посетуваат локалитетот наутро.

„Тоа е огромна бројка. Очигледно туризмот е пожелен за нашата земја, за сите нас, но мораме да најдеме начин премногу туристи да не го оштетат локалитетот“, рече Лина Мендони и додаде дека ќе се применуваат новите ограничувања за влез во Акропол пробно од 4 септември а трајно ќе стапи во сила од 1 април 2024 година.

Според новиот систем, 3.000 луѓе ќе имаат пристап од 8 до 9 часот, 2.000 луѓе во следниот час, а во другите часови од денот бројот на дозволени посетители ќе варира.

„Таа мерка ќе се однесува на потребата од заштита на споменикот, што е најважно за нас, како и за подобрување на искуството на локацијата за посетителите“, додаде таа. Лина Мендони рече дека слични мерки ќе се воведат и за други популарни археолошки локалитети. АП објави дека повеќе од три милиони луѓе го посетиле Акропол минатата година.