ГРЦИЈА ВО ШОК – ‘Лажен доктор’ оперирал деца, при интервенциите 15 од нив починале, а некои останале во несвест и сега живеат како ‘растенија’…

Полицијата во Грција и правосудството покренале тајна истрага поради големиот број деца кои починале за време на операции на срце извршени од кардиохирург.

Во центарот на случајот што го објавија соседните медиуми е детски кардиохирург, против кого родителите поднеле писмена жалба во 2021 година. Во извештајот се наведени 15 смртни случаи во најмалку една клиника за детска хирургија.

Родителите тврдат дека дотичниот доктор е „лажен“. Тие се жалат дека за време на 70 операции извршени од 2020 до 2021 година во една клиника, 20 отсто од децата починале, додека многумина никогаш не се освестиле и живеат како растенија.

Инаку, стапката на смртност во Европа за вакви операции кај деца е меѓу два и четири проценти.

Според информациите, споменатиот доктор на почетокот на 2019 година бил избркан од приватната болница, која потоа сменила сопственици. Тој отишол во друга приватна болница, но и оттаму добил отказ, додека одделот каде што оперирал ја загубил лиценцата за вршење детска кардиохирургија.

Истото се случило и во третата болница, а денеска, според истите информации, дотичниот доктор е во Истанбул, каде исто така се соочува со десетици пријави.

Според зборовите на родителите, докторот давал бројни оправдувања зошто операцијата не успеала, обвинувајќи ја опремата или персоналот на интензивна нега, па дури и ги обвини родителите за наводно одложување на операцијата на децата.

За жалбите дознале поранешниот министер за здравство Танос Плеурис и заменик министерот Минас Гага, кои формирале комисија за проверка на овие наводи.