Грчките земјоделци повторно го блокираа граничниот премин Евзони кон Македонија

Нова блокада на граничниот премин Евзони (Богородица) кон Македонија од 19:00 до 21:00 часот по локално време, односно од 18:00 до 20:00 часот по македонско време на север, предупредуваат земјоделците од северниот дел на Грција. , јави дописникот на МИА од Атина.

Според локалните медиуми, но и државната телевизија ЕРТ, ова ќе биде втора блокада за денеска, со оглед на тоа што во периодот од 13 до 15 часот затворија лента за влез во Грција за камиони и возила за меѓународен транспорт.

Не е исклучена можноста, вечерва, блокадата да биде целосна, односно да ги затворат сите пунктови за влез и излез од Грција на бетонскиот граничен премин кон нашата земја.

Доцна синоќа имаше и едночасовна симболична блокада на границата.

Земјоделците од цела Грција денеска одржуваат состаноци за да ги информираат колегите за вчерашната средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, додека за утре напладне е закажана заедничка средба на сите земјоделци на која ќе се утврдат нивните следни чекори.

Со оглед на тоа што првичните реакции по разговорите со Мицотакис се дека не се исполнети сите нивни барања, поверојатно е дека протестите и блокадите ќе се интензивираат.