Гутереш: Војната во Украина останува „отворена рана“ во срцето на Европа

 – Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, изјави дека војната во Украина останува „отворена рана“ во срцето на Европа, повикувајќи ја Русија да се придржува до Повелбата на ОН.

„Две години подоцна – и деценија од обидот на руската илегална анексија на украинската Автономна Република Крим и градот Севастопол – војната во Украина останува отворена рана во срцето на Европа“, нагласи Гутереш на седницата на Советот за безбедност на ОН.

Тој додаде дека е крајно време за мир врз основа на Повелбата на ОН, меѓународното право и резолуциите на Генералното собрание.

„Во секоја војна сите страдаат, но народот на Украина ужасно страда поради војната што и ја наметна Русија“, рече Гутереш, потсетувајќи дека се убиени повеќе од 10.000 украински цивили.

Генералниот секретар на ОН додаде дека оштетувањата и разорувањата на болниците, училиштата, здравствените установи и цивилната инфраструктура се чести и се интензивираат.

„ОН документираше широко распространета и вознемирувачка бруталност. Независна меѓународна истражна комисија за Украина извести за измачување на цивили и затвореници и повеќе од 200 случаи на сексуално насилство, воглавно од силите на Руската Федерација“, рече Гутереш.

Шефот на ОН нагласи дека „сите извршители мораат да одговараат“.

Многу Украинци доживуваат „жива ноќна мора поради загубата на своите деца“, рече Гутереш, додавајќи дека речиси 4 милиони Украинци се интерно раселени, додека на повеќе од 14,5 милиони луѓе во земјата им е потребна хуманитарна помош.

„Војната му наштетува и на народот на Русија. Илјадници Руси гинат на линијата на фронтот. Цивилите погодени од нападите на руските градови исто така страдаат. Опасноста од ескалација и ширење на судирот е многу реална“, подвлече Гутереш.

Генералниот секретар на ОН нагласи дека војната ги продлабочува геополитичките поделби, поттикнува регионална нестабилност, намалувајќи го просторот кој е на располагање за решавање на други итни глобални прашања.

„ОН исто така ќе продолжи да се залага за слободата и безбедноста на пловидбата по Црното Море, за да може многу потребната украинска и руска храна и ѓубрива да стигнат до светскиот пазар“, заклучи Гутереш.