Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изјави дека Појасот Газа е среде „епска хуманитарна катастрофа“, повикувајќи го светот да не гледа настрана. „Во тек се интензивни преговори за продолжување на примирјето – што ние силно го поздравуваме – но веруваме дека ни треба вистински хуманитарен прекин на огнот“, рече тој на состанокот на Советот за безбедност на ОН
И покрај „зракот на надеж“ донесен од примирјето меѓу Израел и Хамас, жителите на Газа доживуваат „монументална хуманитарна катастрофа“, рече денеска генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и побара воспоставување „вистинско хуманитарно примирје“.
„Населението во Газа живее сред монументална хуманитарна катастрофа пред очите на светот. Не треба да го свртиме погледот“, рече Гутереш пред Советот за безбедност на ОН.
„Во тек се интензивни преговори за продолжување на примирјето – што ние искрено го поздравуваме. Но, мислиме дека ни е потребно вистинско хуманитарно примирје“, истакна Гутереш и потсети дека 80 отсто од населението во Газа е раселено од почетокот на војната.
Тој рече дека прехранбениот систем е расипан и гладот се шири, особено на северот од енклавата, а исто така укажа и на страшната санитарна состојба во засолништата, што претставува „сериозна закана за јавното здравје“.
„Количината на помош што стигнува до Палестинците во Газа се уште е целосно недоволна за да ги задоволи потребите на повеќе од два милиони луѓе“, особено кога станува збор за гориво, рече генералниот секретар на ОН.
Тој повторно побара отворање на други премини кон Појасот Газа покрај преминот Рафа со Египет.