Дали сакате да работите во Германија? Новите правила важат од 1 ноември

Од 1 ноември во Германија стапуваат на сила измените на законот за имиграција на квалификувани работници, јавуваат германските медиуми.

Од ноември ќе се прошири кругот на квалификувани работници кои полесно доаѓаат на работа во Германија. Патот до „Сината карта на ЕУ“ ќе биде полесен за висококвалификуваните академици, магистри и оние со специјализирани академски дипломи.

Сината карта е дозвола за престој која во голема мера го олеснува влезот на локалниот пазар на труд за квалификувани работници од земји надвор од ЕУ.

Германските медиуми го наведуваат примерот на ИТ специјалисти со долгогодишно професионално искуство кои повеќе не треба да даваат докази за професионална обука.

Олеснување за работодавците

Новите промени значат и големо олеснување за компаниите кои се борат со недостиг од квалификуван кадар.

Меѓу другото, со новиот закон се намалуваат досегашните релативно високи лимити за минимална плата. Наместо досегашните 58.000 евра бруто (односно околу 45.500 евра за т.н. тесно грло), работниците од земјите надвор од ЕУ од ноември ќе треба да докажат дека заработуваат околу 15.000 евра помалку годишно.

Покрај тоа, изгледите за престој во Германија се подобруваат, што го олеснува обединувањето на семејството.

Навистина големите промени треба да стапат на сила во март 2024 година: оттогаш, работниците од трети земји ќе можат да влезат во земјата откако ќе аплицираат за виза и да работат во Германија се додека им се признаваат професионалните квалификации.

Досега тоа не беше можно, поради што може да потрае околу една година за да се добие виза и работна дозвола за Германија.

Кој може да аплицира за сина карта на ЕУ?

Сината карта на ЕУ го олеснува вработувањето на висококвалификувани државјани од трети земји во Европа. Важи за сите земји освен Ирска и Данска.

За сина карта на ЕУ, мора да обезбедите доказ за вработување во Германија со законската минимална плата. Долната граница на минималната плата се применува за дефицитарните занимања, а тоа се следните професии:

– Инженери

– Научници од областа на природните науки

– Математичари

– ИТ-стручен кадар

– Медицински работници

„Сината карта на ЕУ“ ја издава надлежната Служба за странци во Германија, пишува магазинот „Феникс“.