ДАЛИ ТЕСЛА ИМА ПРИЧИНА ЗА ЗАГРИЖЕНОСТ? Кинеската БИД постигна рекордна продажба на електрични автомобили – Ворен Бафет со Кинезите тргна против Илон Маск!?

Кинескиот BID продаде рекорден број автомобили во 2023 година и е се поблиску да ја замена Tesla како водечки светски бренд на електрични возила.

Според податоците на берзата, кинеската компанија забележала 62 отсто зголемување на глобалната продажба минатата година, или нешто повеќе од три милиони возила, во споредба со 2022 година.

БИД продаде 1,57 милиони акумулаторски (батерии) електрични возила (BEV) минатата година, што претставува зголемување од 73%, како и 1,44 милиони хибриди, 52% повеќе од претходната година.

Тесла треба да ги објави бројките за продажба за целата година веќе на почетокот на јануари, а аналитичарите очекуваат американскиот производител на електрични возила приближно да ја исполни својата годишна цел за испорака од 1,8 милиони BEVs.

Во 2022 година, БИД заостануваше зад Tesla во глобалната продажба на BEV за околу 400.000 единици. Јазот се очекува да биде намален во текот на минатата година. Во последниот квартал, БИД можеби веќе ја престигна компанијата на Илон Маск.

Во четвртиот квартал БИД продаде 526.409 БЕВ, што е за повеќе од 20% повеќе отколку во третиот квартал. Тесла најверојатно испорача 473.000 единици во истиот квартал, според проценката на 14 аналитичари, цитирани од Ројтерс.

Брзиот раст на БИД, кој е поддржан од Ворен Бафет, е симбол на растечката кинеска индустрија за електрични возила.

Кина брзо напредува во транзицијата кон електрични возила, благодарение на силната владина поддршка за индустријата.

Пекинг постави цел најмалку 20% од новите автомобили што се продаваат годишно до 2025 година да бидат возила со нова енергија (NEV), кои вклучуваат BEV, plug-in хибриди и возила со водородни горивни ќелии. Според нивната влада, до 2035 година, NEV треба да станат „мејнстрим“ продажба на нови автомобили.

Првата цел беше постигната во 2022 година, околу три години порано. Втората, исто така, може да се постигне порано од очекуваното.

Во првите 11 месеци од 2023 година, продадени се 8,3 милиони единици возила со нова енергија, што претставува повеќе од 30% од вкупната продажба на автомобили, според податоците објавени минатиот месец од Кинеската асоцијација на производители на автомобили.

Миао Веи, поранешен министер на кинеското Министерство за индустрија и информатичка технологија, на авто форумот во ноември рече дека целта на владата за пробив на 50% на NEV до 2035 година најверојатно ќе биде постигната до 2025 или најдоцна 2026 година, пишуваат државните медиуми.

Според аналитичарите, водечката улога на Кина во глобалната индустрија се должи и на нејзината големина на пазарот, евтината работна сила и доминацијата на синџирот на снабдување.

„Кина сега го води патот во производството и ги зголемува своите компаративни предности, потпирајќи се на својот огромен домашен пазар“, напишаа аналитичарите од Натикис Азија, француска инвестициска банка во извештајот на крајот од ноември минатата година.

Нивната предност како и владината поддршка преку инфраструктурни инвестиции и субвенции им го олеснија на кинеските производители на ЕВ да се прошират на домашно и на меѓународно ниво, велат аналитичарите.

Сепак, зголемената конкуренција и бруталната ценовна војна минатата година влијаеше на профитните маржи на многу производители на автомобили.

Како што кинеската економија го загуби моментумот, производителите на автомобили беа загрижени за забавувањето на побарувачката. Тесла ги намали цените во Кина во јануари за да привлече купувачи и да го спречи забавувањето на растот што предизвика ценовна војна. Десетици производители на автомобили го следеа примерот за да останат конкурентни.

Ценовната војна ја зголеми продажбата, но ја загрози профитабилноста на целата индустрија. За првите 11 месеци од минатата година, кинеската автомобилска индустрија забележа профитна маржа од само 5%, пад од 5,7% во однос на 2022 година и 6,1% во однос на 2021 година, според податоците објавени минатата недела од Кинеската автомобилска асоцијација.

За да го неутрализираат забавувањето на домашниот пазар, кинеските производители на автомобили сакаат да растат надвор од Кина со проширување во Европа, Австралија и Југоисточна Азија.

Минатиот месец БИД објави дека ќе изгради фабрика за електрични возила во Унгарија, што ќе биде нејзина прва фабрика за патнички автомобили во Европа. Веќе има фабрика за автобуси во Комаром, Унгарија.