Фудбалерките на Англија и Данска се пласираа од групата Д во осминафиналето на Светското првенство кое заеднички го организираат Австралија и Нов Зеланд.
Англија ја мина групната фаза со максимални три победи, откако попладнево во рамки на третото коло триумфираше над Кина во Аделаида со 6-1.
Лорен Џејмс беше двоен стрелец (41, 65), а голови за англискиот тим постигнаа и Алесија Русо (4), Лорен Хемп (26), Клои Кели (77) и Рејчел Дејли (84). Почесниот гол за Кина го постигна Шуан Ван во 57 минута од пенал.
Како второпласирана од групата Д во осминафиналето патува Данска која денеска во Перт беше поуспешна од Хаити со 2-0, со головите на Пермила Хардер (4) и Сана Триелсгор (90+10).
Англија во осминафиналето ќе игра против Нигерија, додека противник на Данска ќе биде кодомаќинот Австралија.