Данска не сака украински бегалци по завршувањето на конфликтот

Украинските граѓани кои побегнаа во Данска во изминатите две години повеќе нема да бидат добредојдени таму кога ќе се воспостави мир меѓу Киев и Москва, изјави данскиот министер за имиграција Каре Дибвад.

Повеќе од 30.000 Украинци поднеле барање за статус на бегалци во Данска според посебен закон кој истекува во март 2025 година. Истражувањето спроведено од Универзитетот во Копенхаген во септември на примерок од 7.000 лица покажува дека околу половина би сакале да останат во земјата дури и по краjот на конфликтот. Дивбад, пак, во интервју за весникот „Берлингска“ вели дека тоа не доаѓа предвид.

„Нема да го смениме тој став“, изјави министерот и додаде дека бегалците сепак ќе имаат привремен статус, без разлика од каде доаѓаат.

Дури и ако Украинците се „културно поблиски со Данците отколку луѓето од Блискиот Исток“, тврди Дибвад, тие сепак се однесуваат на „сосема поинаков начин“ од Данците.

Сепак, како што истакна, некои од 30.278 Украинци кои сега имаат регистрирано привремен престој во Данска би можеле да останат таму до март 2025 година, доколку исполнат одредени услови.

На пример, ако заработуваат повеќе од 375.000 дански круни (околу 55.400 долари) годишно, би можеле да аплицираат за работна дозвола.

„Мислам дека имаат можност да останат, но нема да кажеме дека секој што доаѓа од Украина може да остане во Данска“, прецизираше министерот.

Тој ја отфрли идејата дека Данска ќе ги остави бегалците заробени барајќи да се вратат, истакнувајќи дека Копенхаген му дал милијарди долари помош на Киев.

„Немаме од што да се срамиме“, рече Дибвад, додавајќи дека се надева „дека Украинците се заинтересирани да ја обноват сопствената земја, на која тоа и е потребно“.

Според податоците на Обединетите нации, околу 5,8 милиони Украинци ја напуштиле земјата од ескалацијата на конфликтот со Русија во февруари 2022 година. Многумина изразија желба да останат во земјите што им дадоа засолниште дури и откако ќе се постигне мир.

Иако повеќето земји-домаќини ги отфрлија барањата на Киев за испраќање работоспособни мажи дома, тие не беа ентузијасти да ги прифатат бегалците како постојани имигранти.

Германија претходно оваа недела објави дека само околу една третина од Украинците кои посетувале „курсеви за интеграција“ всушност добиле преодна оценка, додека медиумските истраги покажуваат дека бегалците повеќе сакаат социјална помош отколку работа.