Данска со закон го забрани палењето на Куранот; за критичарите тоа ја поткопува слободата

Данскиот Парламент денеска изгласа закон со кој станува незаконско палењето на копии од Куранот на јавни места, откако протестите во муслиманските земји поради уништувањето на светата книгата за муслиманите, предизвика загриженост за националната безбедност во оваа нордиска земја.

Антиисламските активисти во Данска и Шведска одржаа серија јавни протести на кои запалија или оштетија копии на Куранот, што предизвика тензии со муслиманите и доведе до барања нордиските влади да ги забранат таквите практики.

Данска се обиде да постигне рамнотежа помеѓу уставно заштитената слобода на говор, вклучително и правото да се критикува религијата, и националната безбедност поради стравувањата дека палењето на Куранот може да предизвика исламистички напади.

Критичарите во Шведска и Данска тврдат дека секое ограничување на критиките упатени кон религиите, вклучително и палењето на Куранот, ги поткопува тешко стекнатите слободи.

– Историјата ќе нè суди строго поради ова и со добра причина. Сè се сведува на тоа дали решивме да ја ограничиме слободата на говор или дали тоа ни беше наметнато однадвор, рече Ингер Стојберг, шеф на антиимигрантската партија Дански демократи, која се противи на забраната.

Центристичката влада во Копенхаген тврди дека новите правила ќе имаат само маргинален ефект врз слободата на говорот и дека критикувањето на религијата на други начини е сè уште легално. Прекршувањето на новиот закон ќе се казнува со парична казна или со затвор до две години, соопшти Владата.

Шведска, исто така, разгледува начини за легално ограничување на сквернавењето на Куранот, но има поинаков пристап од Данска. Стокхолм ја разгледува можноста полицијата да ја земе предвид националната безбедност при одлучувањето за барањата за одобрување јавни протести.