Двајца цивили загинаа, а двајца се повредени во гранатирањето на руската област Брјанск, тврди гувернерот Богомаз
Во украинското гранатирање на селото Чауси во руската област Брјанск, загинаа двајца цивили, а двајца се повредени, изјави денеска гувернерот Александар Богомаз на својот канал Телеграм.
„Вооружените сили на Украина го гранатираа селото Чауси, округот Погарски. За жал, како резултат на гранатирањето, еден човек загина, а двајца селани се повредени. Повредените се префрлени во окружната болница, каде ја добиваат целата неопходна медицинска нега“, напиша Богомаз.
Подоцна, гувернерот објави дека уште еден маж починал од раните. Според гувернерот, во гранатирањето бил оштетен имотот на земјоделското претпријатие. Оперативните и итните служби се на лице место. Округот Погарски се наоѓа во југозападниот дел на Брјанската област, во близина на границата со украинскиот регион Черниговск.
Вооружените сили на Украина редовно ја гранатираат областа и другите погранични области и лансираат беспилотни летала со експлозив.
Од 3 февруари годинава во регионот Брјанск на сила е високо, жолто ниво на терористичка закана. На граѓаните им се препорачува да бидат внимателни и да пријават во полиција сомнителни лица, автомобили и напуштени предмети