Два месеци по воениот пуч во Нигер почнува повлекувањето на француската војска

Француските војници почнаа да го напуштаат Нигер повеќе од два месеци откако бунтовничките војници го соборија демократски избраниот претседател на африканската земја, Мохамед Базум, соопшти денеска француската армија.

Во соопштението не се прецизира колку војници се повлекуваат и каде ќе бидат прераспоредени.

Државната телевизија во Нигер објави снимки од конвојот кој ја напушта базата во Уалам на северот на земјата, велејќи дека се упатил кон соседниот Чад, на исток.

Францускиот претседател Емануел Макрон пред неколку недели најави дека Франција ќе го прекине военото присуство во Нигер и ќе го повлече својот амбасадор од земјата како резултат на државниот удар со кој беше соборен претседателот Базума на крајот на јули. Околу 1.500 француски војници дотогаш беа распоредени во Нигер.

Откако ја презедоа власта, воените лидери на Нигер го искористија антифранцуското расположение меѓу населението, оценувајќи дека повлекувањето сигнализира нов чекор кон суверенитет.