ДВОЈНА РАБОТА ЗА САНЧЕЗ: Шпанија го почна претседавањето со ЕУ среде ИЗБОРНА КАМПАЊА 

Во Шпанија на крајот на јули се одржуваат парламентарни избори, а во Мадрид тврдат дека евентуалната промена на власта нема да влијае на претседавањето со Европската унија, кое започна на 1 јули и трае до крајот на годината, наведуваат Дојче веле.

Шпанија денеска го презеде претседавањето со Европската унија од Шведска, а само три недели подоцна, поточно на 23 јули, во Мадрид на вонредни избори се избира нов парламент. Во моментов е неизвесно како ќе помине актуелниот социјалистички премиер Педро Санчез. Конзервативците имаат подобри резултати на анкетите, а Народната партија би можела да соработува со десничарските популисти и во тој случај би имала повеќе мандати во парламентот од левичарската коалиција предводена од Санчез.

На прашањето за можното влијание на изборите врз шпанското претседателство со ЕУ, Санчез рече дека „демократијата никогаш не е проблем“.

– Ова не е прв пат во Европа да се одржуваат избори за време на претседавањето со ЕУ. Веќе има смена на власта – рече премиерот на почетокот на јуни.

Дојче веле наведува дека е точно оти во некои земји членки се одржале избори за време на претседавањето со ЕУ. Минатата година, за време на француското претседателство, претседателот Емануел Макрон се бореше за реизбор. А во Чешка, за време на претседавањето со Унијата, владата дури и падна. Сепак, одржувањето на избори на самиот почеток на шестмесечното претседателство, а со тоа и евентуалната промена на владејачката констелација, се апсолутен исклучок во историјата на ЕУ.

Педро Санчез

На Педро Санчез му претстои многу работа во предизборната кампања и поради тоа дури и го одложи настапот во Европскиот парламент. Првично беше планирано тој да ја претстави својата програма за шпанското претседателство пред изборите во Стразбур и да разговара со пратениците. Но, тоа сепак ќе се случи дури по летната пауза – а со кој шпански премиер, тоа сега не се знае.

Шпанските дипломати во Брисел се обидуваат да остават впечаток дека се се одвива според планот, дека ќе се работи вообичаено, рутински, без разлика на изборите. На крајот на краиштата, се тврди дека темите на претседавањето се подготвуваат со месеци, ако не и со години и дека се е интензивно координирано со земјите-партнери Белгија и Унгарија, кои ќе претседаваат со ЕУ следната година.

Евентуална промена на власта и евентуална победа на конзервативниот или десничарскиот популистички табор нема да промени многу во однос на традиционално проевропскиот курс на Мадрид, сметаат аналитичарите и новинарите во Шпанија.

– Во текот на следните шест месеци шпанската влада мора да ги реши предизвиците со кои се соочува Европа, а ги има многу. (…) Шпанија задоволително го извршуваше претседавањето со ЕУ во минатото, а тоа се очекува и сега – пишува весникот „Вангардија“ од Барселона по повод почетокот на петтото шпанско претседателство со ЕУ од 1986 година, откако таа земја стана полноправна членка на Унијата.

Шпанската политичка аналитичарка Карме Коломина на собирот во Мадрид што служеше како подготовка за претседателството рече дека најважна задача ќе биде да се поддржи Украина и да се одбрани таа земја од рускиот агресор.

– Украина е присутна во секоја дискусија и одлука на ЕУ. И Европската унија мора да одлучи дали ќе биде возможно да се започнат преговори со Украина веќе оваа година, а со тоа и во исто време со Молдавија – рече Коломина.

Дојче веле пренесува дека Коломина смета дека има напредок во однос на останатите земји кандидати од Западен Балкан.

– Има силен момент за проширување. Сè уште не знаеме како би можеле да го искористиме за да постигнеме нешто. Не зависи само од кандидатите, туку и од нас – рече овој експерт, осврнувајќи се на итно потребните реформи во ЕУ за да може да функционира со повеќе членки.

Шефот на дипломатијата Хозе Мануел Албарес Буено изјави дека Шпанија сака да натера да се расправа за подготвеноста на ЕУ да прими нови членки.

– Мораме да размислуваме за реформи кои би можеле да доведат до следниот чекор во интеграцијата. Еден пример за тоа е донесувањето одлуки врз основа на мнозинскиот принцип во областа на надворешната или фискалната политика. Истовремено, не смееме да ги игнорираме европските перспективи на земјите кои имаат кандидатски статус – рече министерот за надворешни работи на Шпанија.

Дојче веле наведува дека, за разлика од штедливите Швеѓани, кои претседаваа со ЕУ до крајот на јуни, шпанската влада нема да штеди трошоци за соодветно да ја претстави својата земја пред европската јавност.

Вообичаените неформални состаноци на Европскиот совет, или специјалните самити на лидерите на Унијата, ќе се одржат на 22 различни места низ Шпанија, вклучувајќи ги и островите како Мајорка или Канарските Острови.

Швеѓаните беа задоволни (со неколку ретки исклучоци) што ги одржуваа своите состаноци во незабележителна изложбена сала во близина на аеродромот во Стокхолм.

Според дипломатите во Брисел, сега е тешко да се процени дали Шпанците ќе можат да блеснат и на крајот да ја „протуркаат“ својата агенда.

– Земјата претседавач сака да ја диктира агендата, но на крајот агендата, односно актуелните настани, диктираат со што се занимава претседавачот – стои во познатата изјава на доцент Александар Стуб.

Поранешниот фински политичар беше министер за прашања на ЕУ за време на претседавањето на Финска со Европската унија.