Дебар Маало како ,,Див запад”- Педофили, дрога и тепачки во срцето на Скопје

Педофили и дилери циркулираат низ строгиот центар на Скопје. Речиси и да нема недела во која полицискиот билтен не регистрира нападнати и претепани деца во Дебар маало. Последниот инцидент од пред два дена го вклучи и алармот кај жителите, откако пијан педофил нападна тригодишно дете. 

Инцидентот се случил кај игралиштето познато како дрвен град кое најчесто е преполно со деца од сите возрасти. 

49-годишниот маж нападнал едно од децата во паркот, успеал да му ги соблече панталоните и да го допира по телото. Неговиот другар ја повикал мајката, која пријавила во полиција. 

Инцидентот го потврдија и од МВР, од каде велат дека напаѓачот е приведен и ќе му биде поднесена соодветна пријава.

Но, за жителите на Дебар Маало и градоначаникот на општина Центар ова не го решава проблемот. На нивно барање МВР од денеска ќе ја зголеми безбедноста во овој дел од градот.

Инцидентот вчера иницираше и повеќечасовен состанок помеѓу родителите и Герасимовски, на кој е договорено покрај полицијата, вечерни патроли да организираат и жителите.

Герасимовски вели дека се мапирани повеќе точки на ниво на општина каде ќе се зголемува безбедноста, особено по минатонеделниот инцидент во кој беше претепано дете во близина на училиштето Коле Неделковски.