Демири – ДиЏовани: УНИЦЕФ со поддршка за имунизација кај децата

 Министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири денеска остварил прва официјална средба со претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани. Како што соопшти Министерството за здравство, на средбата се разговарало за заедничките активности за зголемување на ефикасноста и ефективноста на здравствените услуги.

Демири ги информирал претставниците од УНИЦЕФ за моменталната состојба со епидемијата на голема кашлица во градот Скопје, како и за донесените препораки со цел сузбивање на епидемијата.

– На средбата, беше искажана загриженоста во однос на нискиот опфат на вакцинација против голема кашлица, а исто така се дискутираше и за вакцинирањето со другите вакцини од задолжителниот Календар на имунизација. УНИЦЕФ ја изрази својата подготвеност да продолжи со поддршка за зајакнување на здравствениот систем и спроведување комуникациски активности, за да се врати довербата во здравствениот систем и вакцините. Во тој контекст, значајно е и воведување систем за управување со дезинформации и погрешни информации во врска со вакцините и процесот на вакцинација во Министерството за здравство, се појаснува во соопштението на МЗ.

Демири и ДиЏовани разговарале и за годишниот План за соработка за 2024 година во делот на имплементација на Перинаталниот мастер план, Педијатрискиот мастер план, како и за другите компоненти од здравствениот систем, со фокус на мајки и деца.