Демократското движење се залага за целосно укинување на казината во земјава

– Претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, денеска по панел дискусијата на тема „Негативното влијание на казината и коцкањето врз семејството и соочувањето со оваа девијантна појава“, изјави дека тие се залагаат за целосно укинување на казината во земјава.

-Преку јавна дебата за казината и брзите кредити произлегуваат интересни заклучоци како да се спречат овие девијации и нивните последици, како што се насилство во семејството, делба на бракови, губење на богатството и тн. Ова повеќе нѐ убедува да истраеме во овој процес и да бараме целосно да се затворат казината, рече Меџити.  

Со години се зборува дека казината треба да се дислоцираат 500 метри од училиштата и градинките, и како што рече Меџити, Министерството за финансии постојано издава лиценци на нови ланци на казина, отвора нови тендери за купување на апарати за казина и одобрува финансиски друштва што издаваат брзи кредити.

-Деновиве бевме присутни на еден театар во Комисија за европски прашања, предводен од Адеми, каде што зборат како треба да се дислоцираат казината 500 метри од училиштата и градинките, а во суштина даваат лиценци на нови ланци на казина и тоа токму од ресорот предводен од ДУИ, од моите поранешни соработници, чии лиценци ги издава министерот за финансии. Директорот за лотарија секојдневно отвора нови тендери за купување на апарати за казина. Исто така за жал тука се и брзите кредити кои се легализација на лихварството, тоа не оди преку стандардите на Народна банка, затоа што има строги критериуми, туку директно со согласност од министерот за финансии, изјави Меџити по денешната панел дискусија.

Го поддржуваме Законот за дислокација на казината, додаде Меџити, но сепак воедно се даваат лиценци за онлајн казина. Тој истакна дека го поддржува и предлогот на Алијанса за Албанаците кој предвидува казина да има само во хотелите со пет ѕвезди, но како што рече, Демократското движење ќе се залага за целосно укинување на казината во земјава.