Бајден бара поголема поддршка за финансирање на Израел и Украина

– Претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден, рече дека денес ќе испрати „итно барање“ до Конгресот за финансирање на потребите на американската национална безбедност за поддршка на нејзините „клучни партнери“, вклучително и Израел и Украина.

„Тоа е паметна инвестиција што на генерациите ќе им ја исплати дивидендата за американската безбедност“, рече Бајден во синоќешното обраќање до нацијата од Овалниот кабинет.

Тој додаде дека САД ќе се погрижат „Железната купола да продолжи да го чува небото над Израел“.

„Ќе се погрижиме другите непријателски актери во регионот да знаат дека Израел е посилен од кога било и ќе го спречиме ширењето на овој конфликт“, нагласи Бајден.

Се очекува Бајден да побара околу 100 милијарди долари вонредно финансирање, кое би вклучувало одбранбена помош за Израел и Украина.

Тој, исто така, рече дека палестинската група Хамас и рускиот претседател Владимир Путин претставуваат „различни закани“, додавајќи дека и двете се обидуваат да ја „уништат соседната демократија“.

Бајден, исто така, рече дека разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за „клучната потреба Израел да дејствува според законите на војната“.

„Тоа значи да ги заштитиме цивилите во борбата најдобро што можеме“, рече Бајден, додавајќи дека на жителите на Газа итно им се потребни храна, вода и лекови.

Тој додаде дека вчера во разговорите со лидерите на Израел и Египет обезбедил договор за првата пратка хуманитарна помош на Обединетите нации за палестинските цивили во Појасот Газа.

„Тоа ќе овозможи континуирана испорака на спасувачка хуманитарна помош за Палестинците. Како што реков во Израел, колку и да е тешко, не може да се откажеме од мирот“, рече Бајден, додавајќи:

„Израел и Палестинците заслужуваат да живеат во безбедност, достоинство и мир.“

Бајден истакна дека му е „скршено срцето од трагичната загуба на палестински животи“ во „експлозијата“ претходно оваа недела во баптистичката болница Ал-Ахли во Газа, зад која тврди дека не стојат Израелците.

„Жалиме за секој изгубен невин живот“, додаде американскиот претседател.

Присетувајќи се на бруталното убиство на шестгодишното Американче од палестинско потекло, Вејд Ал-Фајум, во Чикаго оваа недела, Бајден рече:

„Не може да стоиме настрана и да молчиме кога ќе се случи тоа. Мораме, недвосмислено, да го осудиме антисемитизмот. Мораме, исто така, недвосмислено да ја осудиме исламофобијата. Ние сме нација на верска слобода, слобода на изразување. Сите имаме право да дебатираме и да не се согласуваме без страв дека ќе бидеме цел во училиштата, работните места или нашите заедници.“