Деспотовски: Над 900 локални компании досега искористиле финансиска поддршка од државата

Ефектот од странските инвестиции и директните придобивки за граѓаните се најважни и тоа е главниот приоритет по кој не води, изјави Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за индустриски технолошки развојни зони .

„Треба да знаете што ви е приоритет. Дали треба да сечете ленти и да се фотографирате додека на работниците не им се исплатат 9.000 денари. Или, во меѓувреме, луѓето се ваш приоритет. Мојот приоритет е луѓето во оваа држава, чии пари се платени овие фирми, да ги вратат. Додека тоа се прави преку добро платени работни места и преку пари кои се враќаат во државниот буџет. Во моментов во Зоната работат околу 18.000 граѓани, што е трипати повеќе во однос на 6.000 во 2016 година. Во последните две години имаме повисоки плати од државниот просек. Ако пред шест години овие фирми во буџетот плаќаа од 10 до 12 милиони евра, само годинава според проценките очекуваме 75 милиони евра, што е седум пати повеќе. Покажавме дека ова веќе не е земја на бесплатна работна сила, туку главен приоритет ни се добро платените работни места со кои ќе ги задржиме децата дома“, потенцира Деспотовски во емисијата „Стадион“, на канал 77, а пренесува ТИРЗ.

За таа цел, ТИРЗ започна кампања „Иднината почнува од дома“, чија цел е да ги претстави можностите за работа преку примерите на младите кои работат во Зоната.

За влезот на локални компании во ТИРЗ, Деспотовски рече дека Дирекцијата веќе има постигнато договор со две локални компании за влез во Зоната, но процесот е закочен со месеци, поради што е доведена во прашање реализацијата на овие проекти.

Тој нагласи дека локалните компании имаат ист пристап до финансиска поддршка од државата, која досега ја користеле над 900 локални компании, како и лани вкупните средства исплатени на локалните компании биле повисоки во однос на странските, но разбира очекувањата на локалните компании во однос на Зоните.