Дечанскиот манастир предупредува на дезинформации: Во манастирот Бањска не е пронајдено оружје

„Во самиот манастир Бањска и неговите простории не е пронајдено оружје. Црквата нема никаква врска со овој трагичен настан, а монасите и верниците се фатени во вкрстен оган“, се вели во соопштението на Дечанскиот манастир во врска со вчерашната вооружена пресметка во манастирот Бањска, јави дописникот на МИА од Белград.

„Вчера и денеска имаше низа дезинформации и лажни вести кои се проширија за трагичните настани вчера на Косово и Метохија. Меѓународните претставници потврдија дека косовската полиција по претресот вчера попладне открила оружје само во напуштените возила на непознати вооружени лица во близина на манастирот. Како што се наведува во вчерашното соопштение на Епархијата, вооружени лица со маски ја пробиле заклучената порта на манастирот и размениле оган со полицијата“, се наведува во соопштението од Дечанскиот манастир, предмалку објавено на Фејсбук.

„Според меѓународни извори во Косово, при претресот во манастирот и неговите објекти, не е најдено оружје. Црквата немаше никаква врска со овие трагични настани, а монасите и верниците се најдоа само во вкрстен оган. Фала му на Бога што никој во манастирот не беше повреден. Верниците од Нови Сад се очекува денеска да се вратат дома“, се наведува во соопштенеито.

Во него се додава дека злонамерните напади и ширењето лажни информации на некои социјални мрежи на Косово, кои се насочени кон СПЦ, нашите монаси и поклоници во манастирот Бањска, кои претрпеа голем стрес и поминаа низ тешка ситуација, не придонесуваат за мир, туку само ги зголемуваат меѓуетничките тензии во Косово.

СПЦ на Косово беше меѓу првите што вчера го осуди насилството на северот на Косово, повика на мир и изрази сочувство за сите што ги загубија животите.

-Нашите монаси и верници во манастирот Бањска, каде вооружена група влезе насилно бегајќи од полицијата и даваше отпор, беа изложени на директна опасност за нивната безбедност и заслужуваат солидарност и почит, наведуваат од Дечанскиот манастир, во кое се потенцира дека СПЦ останува цврсто ангажирана во решавањето на сите проблеми на Косово по мирен пат и преку дијалог.