Дејвид Камерон ја посети Украина, вети продолжување на воената поддршка за Киев

 – Новоименуваниот британски министер за надворешни работи, Дејвид Камерон, денес ја оствари својата прва официјална посета на Украина, ветувајќи дека ќе продолжи воената поддршка за Украина во услови на војна на Блискиот Исток.

Во видеото објавено од украинскиот претседател Владимир Зеленски на платформата X, Камерон рече дека Обединетото Кралство ќе продолжи да ѝ дава на Украина морална, дипломатска, економска и, пред сè, воена поддршка „колку што е потребно“.

Зеленски му честиташе на Камерон, поранешниот британски премиер, за новото именување и му се заблагодари за неговата прва работна посета на Киев како шеф на британската дипломатија.

„Ова е многу важно, особено сега кога вниманието на светот не е само на ситуацијата на бојното поле во Украина, а делењето на фокусот навистина не помага“, рече Зеленски, осврнувајќи се на израелско-палестинскиот конфликт што е доминантна тема во медиумите повеќе од еден месец.

Тие разговараа и за ситуацијата на Црно Море и за работата на таканаречениот „алтернативен коридор за жито“, се вели во соопштението за медиумите на украинското Претседателство.

Украинскиот лидер ѝ се заблагодари на британската Влада за нејзините напори да воведе заштитни механизми за бродовите што ја користат оваа маршрута.

Велика Британија обезбеди милијарди фунти воена помош за Украина откако Русија ја започна војната во февруари 2022 година.