Директорот на Ред Бул импресиониран од Верстапен: Тој е недопирлив

– Директорот на Формула 1 тимот Ред Бул, Кристијан Хорнер, рече дека нивниот возач Макс Верстапен е „недопирлив‘, ден откако Холанѓанецот ја забележа деветтата последователна победа оваа сезона.

Верстапен победи во неделата на домашната патека во трката за Големата награда на Холандија и со деветтиот триумф во низа го израмни рекордот од 2013 година кој тогаш, исто така, во болидот на Ред Бул го постави Германецот Себастијан Фетел.

Хорнер го пофали Верстапен и рече дека неговите достигнувања се импресивни, особено поради притисокот со кој се соочува од недела во недела.

„Мислам дека, тивко во себе, е многу горд на тоа што го прави и остварува. Рекордот кој Себастијан го постигна во 2013 … Да се победи во девет едноподруго трки е лудост, мислам дека никој од нас не можеше да замисли дека некој друг возач во нашиот тим тоа ќе може да го повтори. Мислам дека Макс е во период од кариерата во кој е недопирлив и оти ниту еден друг возач не може да го повтори тоа што тој го постигнува во овој болид“, рече Хорнер.