Дмитро Кулеба нема да учествува на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје

Дмитро Кулеба, шефот на украинската дипломатија не доаѓа на министерскиот состанок во Скопје. Официјален Киев известува дека „Русија го уништува ОБСЕ и доаѓањето на руската делегација ќе ја влоши кризата во организацијата“, пренесува Телеграф Македонија.

Олег Николенко, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Украина ја објави одлуката на социјалните мрежи и рече дека Москва го злоупотребува правилото на консензус, користи отворени закани и уцени, ја блокирала кандидатурата на Естонија, но и дека Русија незаконски уапсила тројца украински претставници на ОБСЕ кои се во затвор повеќе од 500 дена.

Оттаму им се заблагодарија на заложбите на Северна Македонија и на македонскиот министер Бујар Османи и изразија благодарност за високото ниво на професионализам.

„Русија создаде егзистенцијална криза во ОБСЕ и ја направи организацијата заложник на нејзините каприци и агресија. Во такви услови, присуството на руската делегација на состанокот на министерско ниво за првпат од почетокот на целосната окупација на Украина од Русија само ќе ја влоши кризата во која Русија го втурна ОБСЕ.

Заедно мораме да работиме на спасување на ОБСЕ од Русија, а не со испраќање сигнали за можноста за враќање на формите на соработка кои постоеја до февруари 2022 година, на државата што ја изврши најголемата вооружена агресија во Европа од крајот на војната. Втората светска војна и брутално ги прекрши сите принципи на завршниот чин на Хелсинки“, велат од Министерството за надворешни работи на Украина.