ДОАЃААТ НА ВЛАСТ? Заедно со Орбан, Путин наскоро би можел да добие уште два сојузници среде Европа: „Тоа би било катастрофа“

Европските претставници предупредуваат дека овие победи ќе му дадат на Путин моќна алатка против Украина

По Виктор Орбан, на власт се закануваат и проруски политичари во Унгарија, Австрија и Словачка, пренесува Politico. Во Австрија, екстремно десничарската Партија на слободата (FPÖ) предводена од Херберт Кикл е најпопуларна од ноември, а во Словачка, проруската Смер-СД, предводена од поранешниот премиер Роберт Фицо, води на анкетите пред изборите во септември.

Ако победи, Словачка ќе ја прекине воената помош за Украина, вети Фицо. Кикл, од друга страна, најавува дека ќе го искористи правото на вето на Австрија во ЕУ за да ги укине „бесмислените“ санкции против Русија.

Популарноста на Партијата на слободата се објаснува со зголемената инфлација и ненадејното зголемување на барањата за азил, кои се тројно зголемени за една година. Ова го поттикнува незадоволството од сегашната владејачка коалиција на Австриската народна партија (ÖVP) и Зелените. Главната опозициска партија, Социјалдемократите, е зафатена од внатрешни борби, така што партијата на Кикл има најголеми шанси да ја преземе власта, оценува Политико.

Европските претставници предупредуваат дека победите на проруските сили во Словачка и Австрија ќе му дадат моќна алатка на рускиот претседател Владимир Путин против Украина и ќе ги поткопа напорите на ЕУ. Тоа би било катастрофа, изјави претставник на Комисијата за Политико. ЕУ веќе се бори со Унгарија, каде премиерот Виктор Орбан ја презеде контролата врз сите главни лостови на моќ, вклучително и медиумите, формирајќи полуавторитарна држава во средината на ЕУ.

Херберт Кикл

Австрија нема да има избори до есента следната година, но постојаните тензии во владејачката коалиција ги зголемуваат шансите за предвремени избори. Австриската народна партија (ÖVP) на канцеларот Карл Нехамер во моментов е осум процентни поени зад ФПО. Сепак, прашање е дали оваа популарност ќе се одрази и на изборните резултати. Самиот Кикл не е многу популарен, а поддршката за ФПО претходно се покажа како нестабилна, па многумина последниот скок на популарноста го толкуваат како фрустрација на Австријците од дисфункција на актуелната влада.

Во Брисел помислата дека Кикл може да дојде на власт, на многумина им крева коса. Тој веќе беше министер за внатрешни работи во краткотрајната влада на ФПО со ОВП. Под поранешниот канцелар Себастијан Курц на почетокот на 2017 година. Еден од потезите на Кикл беше да ги преименува центрите за регистрација на баратели на азил во „Центри за заминување“. Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола изјави за австриски весник дека има „сериозни сомневања“ за соодветноста на Кикл за која било министерска функција. Кикл неодамна беше во Будимпешта каде се сретна со Орбан. Тој не криеше дека целта му е Австрија да ја претвори во друга Унгарија, пишува Политико и ја пофали Унгарија како „тврдина на националното самоопределување и отпор против глобалистичката интервенција од Брисел“.

ФПО има долги врски со Русија. Претходникот на Кикл, Хајнц-Кристијан Штрахе, потпиша договор за партнерство со партијата на Путин во 2016 година. Денес Кикл повторува дека договорот е истечен, но тој и другите членови на ФПО не ја кријат својата наклонетост кон Русија. Од почетокот на војната во Украина, политичарите на ФПО предложија десетици проруски резолуции во австрискиот парламент и издадоа бројни соопштенија за печатот, повикувајќи на укинување на санкциите против Русија. Сепак, тие добиваат најмногу гласови за нивните антиимигрантски ставови и „борбата за зачувување на националниот идентитет“. Така се залагаат за субвенции за спас на старите гостилници во малите градови, но само доколку се служат традиционални и регионални специјалитети. Или сакаат да биде задолжително децата да зборуваат германски на училишните игралишта.

Австриските медиуми често ги исмеваат ваквите идеи, но има гласачи на кои ова им се допаѓа. Во јануари, ФПО го освои второто место на покраинските избори во Долна Австрија, најголемата покраина во земјата, соборувајќи го долгогодишното апсолутно мнозинство на ОВП. Така, ОВП мораше да коалицира со нив. Слично сценарио се одигра неколку недели подоцна во провинцијата Салцбург, каде што ФПО влезе во покраинската влада. Но, на национално ниво, Кикл инсистира на тоа дека неговата цел е да биде канцелар. ФПО двапати влезе во владата во изминатите 25 години како помал коалициски партнер на ОВП, што двата пати заврши како тежок удар за партијата поради скандали и внатрешни поделби.