Додик: Го почитуваме интегритетот на БиХ, но сериозно размислуваме за отцепување ако не се почитуваат нашите права
– Претседателот на Република Српска, Милорад Додик кој денес во Белград имаше средба со претседателот Александар Вучиќ, на која се разговараше за сите важни прашања на односите меѓу Србија и РС, изјави дека го почитува интегритетот на БиХ, но сериозно размислува за отцепување, ако не се почитуваат нивните права, јави дописникот на МИА од Белград.
Како што рече на прес конференцијата со Вучиќ, Додик го запознал со неговиот поглед на ситуацијата и односите како во Босна и Херцеговина, така и во однос на Република Српска и борбата и обидите на Република Српска да ги зачува своите права и обврски од Дејтонскиот договор и да тој ентитет „сериозно“ размислува за отцепување доколку не се почитуваат неговите уставни права.
– Сакаме да го почитуваме Уставот на БиХ, да го почитуваме Дејтонскиот договор, да го почитуваме интегритетот на БиХ, во ред, но и да ги почитуваме правата што РС несомнено и се дадени во Уставот, изјави Додик.
Тој посочи дека „ангажманот што го прави дел од западната политичка заедница и политичко Сараево“ води кон уште поголемо „деградирање на позицијата на РС“.
– Дојдовме до точка кога не можеме да го одложиме тоа прашање и наша одбрана е дека сериозно размислуваме да донесеме одлука за независност и отцепување на Република Српска, рече тој.
– Ситуацијата е оптоварена со постојани барања за демонтирање на уставната позиција на Република Српска. Тоа кулминираше со игнорантско, цинично и грубо барање да се постави имотот како проблем на ниво на БиХ за да тие го решават, посочи Додик и додаде дека поради блокадата на имотот, РС не е во можност да разговара со инвеститорите, а доведени во прашање се и концесиите што досега ги дале.
Српскиот претседател Вучиќ по средбата со Додик, изјави дека Србија „секогаш ќе го поддржува“ она што е договорено од трите конститутивни народи во БиХ.
– Претседателот Додик ме запозна со својот став за ситуацијата и односите во БиХ, со обидите на РС да ги зачува своите права и обврски од Дејтон. Во име на Србија, реков дека сметаме дека Дејтонскиот договор е суштина на функционирањето на БиХ и, се разбира, на РС, изјави Вучиќ на заедничката прес-конференција со Додик.