Доколку е потребно, Финска ќе преземе дополнителни активности на границата со Русија

Премиерот на Финска Петери Орпо денеска изјави дека неговата земја ќе преземе дополнителни активности на границата со Русија доколку има потреба од тоа.

„Нема да прифатиме такви ситуации. Доколку е потребно, ќе преземеме дополнителни активности“, рече Орпо на брифинг со новинарите, наведувајќи дека постојат индиции дека Русија организира „невообичаено голем број мигранти кои сакаат да дојдат во Финска“.
Тој оцени дека ситуацијата „прогресила во лоша насока“.

„Доколку нема промени, ќе преземеме повеќе мерки. Пораката е јасна: Не прифаќаме вакво однесување“, изјави Орпо.

Финска, членка на Европската унија и, од оваа година, НАТО, затвори четири гранични премини со Русија во саботата бидејќи Хелсинки сака да го запре пристигнувањето на баратели на азил кои Русија наводно ги насочува кон Финска.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков ги отфрли обвинувањата на Финска и нагласи дека руските граничари ги следат сите инструкции.