Доктор Јаковлевски: Десет отсто од идните првачиња во велешко имаат потреба од очила

 На здравствените прегледи за деца кои се запишуваат во прво одделение, констатирано е дека 10 проценти од идните првачиња од Велес и од велешкиот регион, имаат рефракциони аномалии на очите, поради што имаат потреба од носење очила , информираше за МИА, доктор Тодор Јаковлевски, специјалист по очни болести при велешката Општа болница.

Тој апелираше до родителите, да го контролираат играњето на децата со телефони, таблети и со компјутери, за да им се заштити видот, но и да иницираат повеќе физички активности за младите.

– Ваквиот процент на рефракциони аномалии на очи кај децата од Велес и од велешко, за жал, е последица на сѐ подолготрајната употреба на електрични уреди – телефони, таблети, од што најмногу страдаат очите, потенцираше докторот.

Како што појасни тој, овој процент на деца со аномалии на очи во велешкиот регион, е во рамки на светскиот просек на рефракциони аномалии. Но, сепак, тој бил загрижувачки и е во пораст.

Како што е соопштено, прегледани се најголем дел од идните првачиња во велешкиот регион. Оние кои не се, според најавата, ќе бидат прегледани до почетокот на новата учебна година.