Достапните дигитални здравствени услуги интегрирани во Е-Здравство

Министерството за здравство и Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје денеска ја промовираа веб-платформата Е-Здравство која ги интегрира сите достапни дигитални здравствени услуги на едно место.  Платформата на македонски и на албански јазик ќе нуди информации од јавен карактер поврзани со здравството, опис и промоција на актуелни програми достапни за граѓаните, регистри и аналитички извештаи кои ќе се користат во здравството.

Веб-платформата, развиена од „Мој Термин“, поддржана од УСАИД и УНИЦЕФ, има и посебен дел посветен на имунизацијата, со што им овозможува на родителите, старателите и на општата јавност пристап до сите информации за редовните вакцини за децата.

Министерот за здравство Фатмир Меџити истакна дека сеприсутните процеси на дигитализација се почнати и во здравствениот сектор, но дека има потреба од надградба и инвестиции базирано на потребите на здравствените работници, како и согласно и со потребите на крајните корисници – пациентите.

Тој нагласи дека овој пристап е од клучно значење за информирање на општата и на стручната јавност, носителите на одлуки, новинарите и други јавни чинители, со цел да се креираат соодветни политики и за одлуките за здравјето да се користат точни и проверени информации.

– На новата платформа Е-здравство, која ќе биде официјален сајт на Управата за електронско здравство „Мој термин“, ќе бидат достапни сите информации и новости поврзани со дигиталните процеси. Ова е од особена важност во делот за имунизација зашто токму денес почнува Светската недела за имунизација чија цел е повеќе деца и возрасни да бидат заштитени од болести кои можат да се спречат со вакцина, истакна Меџити, потенцирајќи дека „правилното информирање води кон правилни одлуки и креирање здравствени политики“.

Веб-платформата Е-здравство ја изработи „Мој Термин“ со техничка поддршка од УНИЦЕФ и со финансиска поддршка од УСАИД.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани, на презентацијата на платформата истакна дека иако живееме во дигитална ера и се чини дека информациите се лесно достапни, истражувањата покажуваат дека еден од четири родители во Северна Македонија смета дека нема  доволно пристап до сите информации потребни за носење одлуки во врска со вакцинација на децата.

– Пристапот до информации е од критична важност за зајакнување на јавноста, вклучително и на родителите. Затоа треба да промовираме вакви информативни извори каков што е веб-сајтот Е-здравство кој ќе обезбедува најнови и веродостојни информации што ќе и помогнат  на јавноста да донесе најдобри одлуки за здравјето на родителите и на децата… Се надеваме дека оваа платформа ќе биде чекор напред кон олеснување на пристапот до информациите и услугите и во обновата на довербата во вакцините, истакна  ДиЏовани.

На почетокот на Светската недела на имунизација, таа нагласи дека вакцините се „еден од најголемите пронајдоци во историјата на здравството и развојот на човекот“.

– Тие спасуваат два до три милиони детски животи секоја година од смртоносни болести, порача претставничката на УНИЦЕФ, ДиЏовани.