За изборите во Македонија се акредитирани 1078 локални и 770 странски набљудувачи

Вкупно 1.999 странски набљудувачи, преведувачи и новинари беа акредитирани за вториот круг од претседателските и парламентарните избори на 8 мај. Локалните набљудувачи се најакредитирани – 1078. Изборите ќе ги следат 770 странски набљудувачи за чии потреби се ангажирани 85 преведувачи. Според податоците на Државната изборна комисија, 66 странски новинари се акредитирани да известуваат за изборите.

Најмногу локални набљудувачи се акредитирани од Здружението за развој на социјални иновации „ВАКЕ АП“ Скопје – 752, потоа Ромската фондација за демократија – 151, Цивил – 82, Центарот за безбедносни истражувања – 46, Институтот за меѓународни односи и Стратегии Охрид – 20, Национален центар на Ромите Куманово – 14, Здружение за промоција и инклузивен развој Куманово – 12 и Македонски центар за културен развој – еден набљудувач.

Специјалната мисија за проценка на изборите на ОБСЕ/ОДИХР има акредитирано 410 набљудувачи, 14 експерти и 31 преведувач, од кои најголем дел од набљудувачите се странци. Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС) акредитираше 138 набљудувачи, Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје – 68 набљудувачи и 33 преведувачи, Парламентарното собрание на Советот на Европа – ад хок комисијата за набљудување на претседателските избори во Република Македонија – 33 набљудувачи и 20 преведувачи, Иницијатива Силба за дијалог и демократија 30, Централна изборна комисија – Република Косово – 13, Европски парламент – 12 и други.