До 2050 година ќе има 77 отсто повеќе заболени од рак: 4 фактори се најголемите виновници за оваа алармантна статистика

Бројот на нови случаи на рак ќе се зголеми на повеќе од 35 милиони до 2050 година, што е за 77 отсто зголемување во однос на бројот во 2022 година.

Клучните фактори кои ќе доведат до ова зголемување се тутунот, алкохолот, дебелината и загадувањето на воздухот, според Меѓународната агенција за истражување на ракот при Светската здравствена организација.

„Се предвидува дека во 2050 година ќе има повеќе од 35 милиони нови случаи на рак “, се наведува во соопштението.

Светскиот ден на ракот се слави ширум светот секој 4 февруари.

Брзо растечкиот број го одразува и подолготрајниот животен век и зголемената светска популација, изложувајќи го населението на фактори на ризик, од кои неколку се поврзани со социо-економскиот развој.

„ Тутунот , алкохолот и дебелината се клучните фактори зад зголемената инциденца на рак, додека загадувањето на воздухот сè уште е главниот фактор на ризик од животната средина“, додава агенцијата.

Најразвиените земји во светот се очекува да забележат најголем пораст на случаи, со дополнителни 4,8 милиони нови случаи до 2050 година во споредба со 2022 година.

Во проценти, неразвиените земји ќе забележат највисок пропорционален раст – 142 проценти. Според проценките, средно развиените земји ќе забележат раст од 99%.

Она што е особено загрижувачко е дека смртноста од рак во овие земји ќе се удвои до 2050 година, според СЗО.