Министерството за образование и наука (МОН) информира дека е голем интересот за остварување на правото на финансиска поддршка за основците и средношколците. Рокот за аплицирање е продолжен и трае до понеделник, 25 декември 2023 година.
Од МОН појаснуваат дека родителите/старателите кои се приматели на гарантирана минимална помош од државата при аплицирање за остварување на правото на финансиска поддршка за своите деца – ученици како доказ за средствата кои ги добиваат доставуваат само Решение за добивање на гарантираната минимална помош, издадено од Центарот за социјални работи.
Родителите/старателите кои не се во работен однос немаат обврска да достават потврда од Агенцијата за вработување, туку треба да достават извод од сите лични трансакциски сметки за претходен месец како доказ дека не постојат приходи по основ на плата (доколку не доставуваат решение за примање на гарантирана минимална парична помош).
Оние родители/старатели кои не поседуваат трансакциски сметки даваат своерачна изјава дека не поседуваат трансакциска сметка и таа не треба да биде заверена на нотар. Потоа ресорното министерството врши проверка на податоците.
За учениците чии родители не се во брак, изјава пополнува само родителот на кој со судска одлука му е доделено правото на старателство, без да се достави писмена согласност од другиот родител. Ова важи и за децата од вонбрачни заедници, изјава и податоци доставува само едниот родител.
Правото на финансиска поддршка од 1200 денари за основци, односно 1800 денари за средношколци им следува и на учениците од приватните училишта кои имаат верификација за работа од Министерството за образование и наука.