Драматично предупредување од Вучиќ: Хаосот во светот е многукратно поголем, се плашам дека нема крај
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави дека моменталната ситуација во светот е многу полоша отколку што била, но дека верува дека Србија и во такви услови може да напредува, бидејќи е посветена на мирот.
– Сега хаосот во светот е многукратно поголем и се плашам дека не му се гледа крајот. Наша должност е да ја заштитиме нашата земја и да се стремиме да напредуваме и да ја зајакнеме нашата армија, затоа што ако немавме своја армија, нашиот народ одамна ќе беше плен на оние кои го прогонуваа со векови од нашите стари огништа, – рече Вучиќ на Собранието на Краишници во Ковилово.
Зборувајќи за состанокот на европската политичка заедница во Гранада, Вучиќ рече дека имал важни средби со 34 европски лидери.
– Го направив тоа што беше моја работа, се обидов да ја заштитам и зачувам Србија, се надевам дека ќе успееме во тоа – изјави Вучиќ.
Тој истакна дека денеска во Ковилово разговарал со мештаните кои, како што рече, поминале низ многу тешки работи во животот и страдале, и биле прогонувани од нивните огништа.
– Но, тие секогаш имаа огромно срце за својата Србија и несебично го даваа на својата Србија и на српскиот народ. Нивните обичаи и традиции стануваат дел од обичаите и традициите на Србија и ние сме горди на тоа. Тие се дел од нас и без нив немаше да станеме шампиони во многу спортови, па ни во кошарка, одбојка и некои други. Да не зборуваме ни за култура – рече Вучиќ.
Тој рече дека тие се оние кои пожестоко од другите се бранат од историските фалсификати кои се обидуваат да го претстават Тесла како некој друг, а не како Србин, дека тие се оние кои велат дека Милутин Миланковиќ, Симо Матавуљ, Григор Витез и многу други се Срби.
– Горд сум што како држава можеме да помогнеме во зачувувањето на нашата култура, традиции и обичаи на нашиот народ, бидејќи од нив добиваме многу повеќе – безгранична љубов и посветеност на напредокот на Србија.
Денес е тешко да се замисли напредокот на Србија без нив и затоа им благодарам бескрајно, бидејќи секој дуќан што го отворија е тој што преку даноците и платите на работниците носи напредок и успех на Србија и им благодарам бескрајно за тоа – истакна Вучиќ.
Тој им се заблагодари што, како што рече, секогаш биле со српскиот народ на Косово и Метохија и со нивната Србија.