Драма во Грција: Планина се урна на Евија поради обилни врнежи, критично во одморалиштето Пефки, поплави во Тесалија (ФОТО, ВИДЕО)

Обилните врнежи од бурата Елиас го погодија северниот дел на Евија, грчки остров кој беше силно погоден од шумски пожари во 2021 година, како и регионот Тесалија што беше погоден од бурата Даниел претходно овој месец.

Грчкиот весник Катимерини потсетува дека пред две години во Евија изгореа повеќе од 50.000 хектари шума.

Сега, во селото Ровијес на северозападната страна на островот, повеќе од 40 куќи се поплавени откако локалната река се излеа.

Спасувачите се обидуваат да стигнат до луѓето затрупани во поплавеното подрачје и да ги евакуираат.

Јоргос Капурниотис, претседател на општина Лимни, ја опиша ситуацијата како „опасна“ и ги предупреди жителите да го ограничат движењето.

Тој рече дека во западниот дел на таа општина, на потегот од Ровијес до Лимни, сега сè е полно со урнатини, бидејќи „целата планина се урна врз населбите“.

Катимерини наведува дека слична критична состојба има и во туристичкото место Пефки.

Таму реките надошле поради што бројни куќи биле поплавени и луѓе заробени, а спасувачките екипи се обидуваат да ги лоцираат и евакуираат.

Се соопштува дека поради силниот ветер што го донел Елиас има многу соборени дрвја.

Невремето ја зафати и Халкида, град во Евија, каде пожарникарите од рано утрово работат на испумпување на водата од поплавените подруми, а имаше и прекин на електричната енергија.

Напливот на невремето Елиас ја погоди и општина Керамида во Тесалија.