Според кантоналната полиција, патиштата се отсечени, а населените места покрај реката се евакуирани
Неколку лица се водат како исчезнати во долината на реката Мага во швајцарскиот кантон Тичино по лизгањето на земјиштето предизвикано од обилните дождови , соопштија денеска официјални лица.
Според кантоналната полиција, патиштата се отсечени, а населбите покрај реката се евакуирани, објави швајцарскиот портал РТС.
По обилните дождови во областа, локалните реки во регионот Фонтана се излеаја. Кантоналната полиција соопшти дека спасувачките операции биле особено тешки поради лошите временски услови.
Горниот дел од долината на реката Маџа во моментов е изолиран поради невремето што ноќта меѓу саботата и неделата ја зафати областа.
Поради обилните дождови, протокот на реката Маџа се зголеми од 25 кубни метри во секунда на 2.000, додека мостот Вислето се урна во градот Чеви, блокирајќи го кантоналниот пат.
Исклучен е и пристапот до соседните долини Бавона, Лавизар и Кампо, а во прекин е и снабдувањето со електрична енергија на целиот овој простор.
Полицијата апелира до населението да го ограничи движењето и да не оди на места погодени од невремето.
Високиот функционер на кантонот Тичино, Норман Гоби, на социјалните мрежи изрази сочувство со погоденото население.
„Лошото време синоќа тешко го погоди Тичино, а особено долината Маџа. Со длабока солидарност и емоции им ја изразуваме нашата поддршка на нашите пријатели во долината Маџа во ова тешко време“, напиша тој.
Според метеоролозите, во горната долина Маџа за 24 часа наврнале околу 200 литри на метар квадратен.
Водата за пиење во локалните населби во долината на реката Маџа е загадена по саботните лоши временски услови и не е погодна за пиење, предупредија властите.