ДРОН ОД РУСИЈА ПОВТОРНО ПАДНАЛ ВО РОМАНИЈА – Борбени авиони извршиле надзор над воздушниот простор

Романски борбени авиони „Локид Мартин Ф-16“ и германски „Еурофајтер Тајфун“ патролираа во воздушниот простор веднаш по падот на дронот.

Романското Министерство за одбрана вчера објави дека пронашло кратер длабок најмалку 1,5 метри во близина на границата со Украина, за кој тврди дека е создаден по падот на беспилотното летало користено во нападот на украинската пристанишна инфраструктура.

Според Романците, нападот со беспилотни летала се случил во ноќта меѓу 13 и 14 декември во близина на границата со Украина, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана.

Романските вооружени сили тврдат дека пронашле кратер за кој постои сомневање дека е создаден од напад на беспилотно летало. Се вели дека кратерот се наоѓа во ненаселена област на околу 4 километри возводно од градот Гринду во округот Тулка.

„Врз основа на информации од теренот за можен удар на територијата на Романија, тимови отпатуваа во областа во текот на ноќта и утринава известија дека е идентификуван кратер длабок 1,5 метар како резултат на неконтролиран пад на дрон користен во напад врз украинската пристанишна инфраструктура“, соопшти романското Министерство.

Романските борбени авиони „Локид Мартин Ф-16“ и германскиот „Еурофајтер Тајфун“ од 86-та и 57-та воздушна база извршија надзор на романскиот воздушен простор веднаш по падот на дронот.

Русија и Украина се уште не ги коментирале наводите на романските власти.

Официјални романски извори не го прецизираат типот на леталото што го предизвикало формирањето на кратерот, а во западни извори се појавија информации дека станува збор за самоубиствениот дрон Геран-2, односно Шахед.

Ова не е прв пат воен дрон да падне на територијата на Романија. На 4 септември руските сили извршија голем напад на пристаништето Дунав во градот Измаил, а еден дрон заврши и во Романија. За среќа, дронот не повредил никого на десниот брег на Дунав, а Романија тогаш не пријавила материјална штета.