ДУИ во изјава за медиумите ја обвини власта за нефер пристап кон Албанците, притоа велејќи дека тие ќе бидат во одбрана на Албанците. Од ДУИ велат „дека Владата ги користи албанските политичари за да ги реализира своите планови“.
„Овие нефер пристапи кон Албанците секогаш биле дизајнирани во Белград, имплементирани преку државниот апарат во Скопје и честопати покриени со некои марионетски албански личности, кои служеле како фасада за овие политики. Истата шема се повторува и денеска. Опасната близина меѓу оваа нелегитимна влада и Белград е очигледна, манифестирана со назначувањето на личност како Стоилковиќ – инструмент на Путин и Вулин – за вицепремиер за меѓуетнички односи“.
„Понатаму, некои албански политичари дискредитирани и отфрлени од својот народ и на претседателските и на парламентарните избори се користат како штит за овие антиалбански акции и за девалвирање на гласот на Албанците. Јасно е дека овие напори за потиснување и презирање на легитимните грижи на Албанците не само што се неправедни, туку и опасни за стабилноста и иднината на земјата“.
„Албанците, народ со долга историја на отпор и пожртвуваност, нема да молчат пред напорите за поништување на Охридскиот договор и поткопување на достигнувањата кои гарантираат еднаквост и правда во оваа земја. Го повикуваме премиерот и оваа нелегитимна влада целосно да се повлечат од дневниот ред за укинување на Законот за употреба на јазиците и уривање на темелите на Охридскиот договор“, велат од ДУИ.