Еврокомесарка снимена како плете за време на говорот на Фон дер Лајен во Европскиот парламент

Еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, беше снимена како плете за време на вчерашното годишно обраќање на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, што стигна и до насловните страници.

Фон дер Лајен одржа говор на почетокот на новата законодавна година, каде што извршното тело на ЕУ ги елаборира активностите и приоритетите за следната година. Таа имаше обраќање за време на пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур, Франција.

Иако љубовта на Јохансон кон плетењето не е ништо ново, таквото однесување за време на клучниот говор поттикна шпекулации за нивото на ангажираност на еврокомесарите.

Најџел Фараж, поранешен член на Европскиот парламент од Британија, го коментираше инцидентот преку платформата Х, порано позната како Твитер.

„Дури и на еврокомесарите на Урсула фон дер Лајен им е здодевно од она што таа има да го каже!“, истакна тој.

За време на своето обраќање, Фон дер Лајен говореше за неколку теми, како Украина, климатските промени, Кина, нерегуларните миграции и проширувањето на ЕУ.