ЕВРОПСКАТА УНИЈА ЗАДОВОЛНА ОД ПОТЕГОТ НА СРБИЈА – Со ова де факто Александар Вучиќ го признава Косово !?

Европската унија ја поздрави одлуката на Владата на Србија да ги признае регистарските таблички на Република Косово и оваа одлука ја нарече – „позитивен чекор“ во спроведувањето на Договорот за патот кон нормализирање на односите.

Според одлуката на Владата на Србија, од 1. јануари следната година на територијата на Србија ќе може да се движат возила со регистарски таблички со ознаки „RKS“ (Република Косово). За ЕУ ова е конечно решение за тешкиот проблем кој во последните две години предизвикува тензии и немири на северот на Косово. Досега, мнозинството Срби на северот на Косово имаа регистарски таблички издадени од Србија, вклучувајќи ги и оние со знаци на градови кои се на територијата на Косово. Од друга страна, возилата од Косово со косовски регистерски таблички мораа со налепници да ја сокријат ознаката „RKS“ за да влезат во Србија.

Договорот за слобода на движење, кој вклучува и неограничено движење на возила од Косово и Србија на територијата на едната и на другата држава, беше потпишан пред повеќе од десет години од страна на поранешната Влада на Србија. Ова сега го користи Владата на Александар Вучиќ како аргумент против критиките на опозицијата дека ги признала симболите на државата Косово.

Владата на Албин Курти воведе реципроцитет и забрани влез на возила од Србија, кои исто така мораа да ги прикријат ознаките на земјата на регистарските таблички. И возилата на територијата на Косово со српски регистарски таблички добија рок за замена и закана за конфискација. Ова доведе до немири, барикади и палење на автомобилите на некои кои ги помешаа со косовски регистарски таблички. Сепак, во текот на изминатите два месеци, повеќе од 4.000 возила на северот на Косово се пререгистрирани од српски на косовски таблички. После тоа, српската Влада одлучи да ги признае регистарските таблички на Република Косово.

Србија одлучи на граничните премини да објави известување дека не го признава Косово. Меѓутоа, дипломатите во ЕУ велат дека овој чекор е и еден вид де факто „признавање“ на Косово и имплементација на договорот кој, меѓу другото, бара Косово и Србија да ги почитуваат меѓусебните државни симболи.

Ја поздравуваме одлуката на Србија формално да ги признае регистарските таблички ‘RKS‘ издадени од Косово. Оваа одлука е позитивен чекор во имплементацијата на Договорот за патот кон нормализација на односите, како и претходните заложби од дијалогот поврзани со слободата на движење“, се вели во соопштението на портпаролот на ЕУ за надворешна политика и безбедност Петер Стано.

Ова претставува и чекор во вистинската насока кон подобра регионална и европска интеграција на Западен Балкан, што во крајна линија е од корист за граѓаните. Оваа одлука го отвора патот за целосно укинување на режимот на налепници. ЕУ сега очекува Косово да одговори во иста насока“, додаде потпаролот.

Европската унија продолжува да ги повторува своите повици до Србија и Косово за целосно спроведување на сите делови од договорот без одлагање или предуслови. За Косово ова ја вклучува обврската за формирање Заедница на општини со српско мнозинство, а за Србија де факто признавање на Косово преку почитување на територијалниот интегритет на Косово, признавање на документи и државни симболи, како и непротивставување на косовските членство во која било меѓународна организација.