Евростат: Повеќе од половина од украинските бегалци во ЕУ живеат во Германија и Полска

– Повеќе од половина од 4 милиони украински бегалци на кои им е одобрена заштита во ЕУ живеат или во Германија или во Полска, објави Евростат, пренесува Анадолу.

„Над 4 милиони граѓани од земји кои не се членки на ЕУ, што избегаа од Украина како последица на руската инвазија на 24 февруари 2022 година, имаа статуси на привремена заштита во земјите на ЕУ“, се вели во соопштението на Евростат, повикувајќи се на најновите податоци собрани на 31 мај.

Германија, Полска и Чешка се домаќини на најголемите заедници на украински бегалци.

Берлин им даде заштита на над 1,1 милион луѓе, што претставува 28 отсто од сите украински бегалци, додека повеќе од 991.000 луѓе живеат во Полска и 340.000 во Чешка.

Во споредба со април, бројот на Украинците на кои им е одобрена привремена заштита е зголемен за 1,4 отсто или 54.300 луѓе.

Со 46,6 отсто, жените на возраст од 35 до 65 години сочинуваат најголем удел на украинските бегалци во ЕУ, додека втората по големина група се децата, што претставува 34,6 отсто.