Единаесетгодишното истражување покажа: Како всушност солта влијае на нашето тело?

Намалувањето на солта од исхраната може да го намали ризикот од срцеви проблеми и мозочен удар за речиси една петтина, покажува студијата објавена од Гардијан.

Истражувачите откриле дека оние кои никогаш не додавале сол во своите оброци имале 18 отсто помали шанси да развијат атријална фибрилација (AF), во споредба со оние кои секогаш го правеле тоа.

ПФ предизвикува неправилно и често ненормално брзо отчукување на срцето, што може да доведе до вртоглавица, отежнато дишење и замор, а пациентите со ПФ имаат пет пати поголема веројатност да добијат мозочен удар.

Во истражувањето се користени податоци од британската Биобанка, која вклучува податоци од повеќе од 500.000 луѓе на возраст меѓу 40 и 70 години, кои одговарале на прашања како „колку често ги посолуваат оброците“. Истражувачите потоа ги следеле во следните 11 години и откриле дека оние кои никогаш не солеле храна имале 18 отсто помали шанси да развијат ПФ, а оние кои понекогаш го правеле тоа имале 15 отсто помали шанси.

Студијата сугерира дека дури и оние кои ја менуваат исхраната од редовно додавање сол во „вообичаената“ количина имаат 12 отсто помали шанси да развијат ПФ во споредба со оние кои секогаш го прават тоа.

Професорот Џејмс Лејпер, од Британската фондација за срце, вели дека одамна е добро познато дека јадењето премногу сол може да доведе до здравствени проблеми.

„Ова истражување е корисен потсетник дека сите би можеле да имаме корист од придржувањето до владината препорака да јадеме не повеќе од шест грама сол дневно, што е приближно една кафена лажичка“, рече тој.