ЕДИНСТВЕНАТА ЕВРОПСКА СИЛА ВО КОЈА ИНФЛАЦИЈАТА РАСТЕ: Цените не паѓаат, туку економијата расте – како е тоа можно?

Велика Британија е единствената земја во групата на најбогати земји Г7 каде инфлацијата се уште е во пораст, покажуваат податоците на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Организацијата со седиште во Париз во вторникот соопшти дека инфлацијата на Г7 на годишно ниво паднала на 4,6 отсто во мај, што е намалување од 5,4 отсто во април, достигнувајќи го најниското ниво од септември 2021 година, пренесува CNBC.

Надолен тренд на ценовните притисоци во мај е забележан во најнапредните светски економии. Америка имала најниска инфлација, а потоа следат Канада, Франција, Германија, Италија и Јапонија. Сепак, Велика Британија се покажа како исклучок.

Каматните стапки се највисоки од 2008 година.

Индексот на потрошувачките цени во Обединетото Кралство порасна за 7,9 отсто во однос на претходната година, што е нешто повеќе од 7,8 отсто остварени во април, покажуваат податоците на ОЕЦД.

Најновите бројки во Обединетото Кралство доаѓаат кога многу големи централни банки почнуваат да размислуваат за ставање крај на агресивните зголемувања на стапките, иако инфлацијата останува висока. Централните банкари сметаат на временско задоцнување од приближно 18 месеци потребно за повисоките каматни стапки да се пренесат на тековите на реалната економија .

Минатиот месец Банката на Англија ги зголеми клучните каматни стапки за 50 базични поени, на пет отсто, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите. Последниот потег е воедно 13-то последователно зголемување на цената на парите, што ја доведе основната каматна стапка на највисоко ниво од 2008 година. Тој потег на британската централна банка ги влоши стравувањата од „хипотекарна катастрофа“ на Островот, но означи и отстапување од политиката на другите централни банки на најголемите економии кои успеаја или да го забават или паузираат зголемувањето на каматните стапки.

Инфлацијата, мерена преку индексот на потрошувачките цени , значително забави на 6,5 отсто во мај, наспроти 7,4 отсто во април во земјите на ОЕЦД, што значи дека вкупната инфлација во ОЕЦД достигна најниско ниво од декември 2021 година.

Каде на друго место не падна инфлацијата?

Помеѓу април и мај, инфлацијата падна во сите набљудувани земји, освен Холандија, Норвешка и Велика Британија, забележува ОЕЦД. Во земјите на ОЕЦД, стапките на инфлација се движат широко: од 3 проценти во Костарика, Грција и Данска до повеќе од 20 проценти во Унгарија и Турција.

Основната инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на храната и енергијата, падна многу побавно во 33-те земји на Организацијата и останува главна грижа за централните банки. Инаку, економското закрепнување на Велика Британија од пандемијата е многу побавно од речиси секоја друга голема економија. Германија исто така се бори, а нејзината економија беше за 0,5 отсто послаба во првиот квартал отколку пред пандемијата.

На годишна основа, економијата на Велика Британија до крајот на првиот квартал порасна за 0,2 отсто. Некои економисти истакнуваат дека слабите податоци за БДП се во контраст со силниот пазар на труд, растот на платите и довербата на потрошувачите, што го прави побавниот раст поверојатно од рецесија.