Еквадор задржа шестмина Колумбијци осомничени за убиството на претседателскиот кандидат Фернандо Валависенио

Еквадор на најмалку 30 дена ќе  притвори шестмина Колумбијци додека во земјата се истражува нивната вмешаност во убиството на претседателскиот кандидат Фернандо Вилависенсио, кој го посвети својот живот на борбата против корупцијата и криминалот, јави синоќа Канцеларијата на јавниот обвинител.

Вчера, меѓу членовите на потесното семејство, беше погребан Вилависенсио, додека јавната комеморација се одржа во главниот град на Еквадор, Кито.

Колумбијците беа уапсени во средата во врска со атентатот на Вилависенсио во Кито, што се случи истиот ден. Според полицискиот извештај, апсењето се случило во куќа во Кито, каде што се криеле осомничените, а на местото на настанот се запленети четири сачмарки, пушка калибар 5,56 мм, муниција, три гранати, автомобил и мотоцикл.

Националноста на мажите беше откриена во четвртокот и тие ќе бидат задржани во притвор најмалку 30 дена во очекување на завршување на истрагата, но речиси сигурно ќе бидат задржани со месеци додека се одвива процесот.

Вилависенсио не беше кандидат со најголеми шанси за победа на претседателските избори закажани за крајот на овој месец, но неговиот атентат среде бел ден ја шокираше нацијата и покажа дека следниот претседател на Еквадор ќе се соочи со пораст на криминалот.

Во изминатите неколку години дивеењето на бандите и картелите однесоа илјадници животи во земјата.

Министерот за внатрешни работи на Еквадор Хуан Запата убиството на претседателскиот кандидат го оцени како „политичко злосторство од терористичка природа“ кое имало за цел да се саботираат предвремените претседателски избори на 20 август.

Не беше соопштено дали осомничените се членови на банда, но Запата рече дека тие се поврзани со организиран криминал.

Додека веше жив Вилависенсио (59) тврдеше дека му се закануваат од мексиканскиот нарко картел Синалоа.