Експертска дебата: Што поскоро да се воведе политичко образование за сите ученици

 Што поскоро воведување на политичко образование за сите ученици беше главниот заклучок донесен од наодите на Анализата за политичко образование во Северна Македонија, кои беа презентирани денеска на експертската дебата организирана од Фондацијата за демократија на Вестминстер во рамки на соработката со Претседателскиот центар за политичко образование (ПЦПО) при кабинетот на Претседателот.

Покрај воведување на задолжително политичко образование, од Анализата се дојде до заклучок дека неопходно е и континуирано следење на степенот на развој на вештини кај учениците, институциите да одвојат време и ресурси на истражувања поврзани со младите лица, да се следи нивото на подготвеност на професорите, утврдување на соодветен пристап и модел за воведување на политичкото образование во рамки на формалното образование, да се обезбеди соодветно внимание на политичката и граѓанската писменост и подготвеност на учениците, како и вклучување на медиумската писменост како дел од политичкото образование.

На настанот, покрај претставничката на Фондацијата за демократија на Вестминстер, Дона Костуранова, се обратија и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, директорот на Бирото за развој на образование, Зеќирија Хасипи, како и професорите од Правниот факултет, Ненад Марковиќ и Иван Дамјановски.

Претставничката од Фондација за демократија на Вестминстер, Дона Костуранова истакна дека Анализата за политичкото образование потекнува од дебатата која се одржала токму пред една година каде што сите присутни се согласиле со консензус дека во Северна Македонија има отсуство на политичко образование.

-Ние гледаме истражувања континуирано кои ни покажуваат дека младите се себедекларирано социјално исклучени граѓани, дека се апатични, резигнирани и немаат доверба ниту во институциите ниту во никој од нивната околина, а со тоа немаат доверба ниту во демократскиот систем во кој што живееме, рече Костуранова, додавајќи дека наодите коишто ги добиле од Анализата за политичко образование укажуваат на тоа дека во Северна Македонија во формалното образование има содржини кои го опфаќаат сегментот на граѓанско и политичко образование, но тие не се доволни.

Таа истакна дека тоа што го имаме како содржина е ограничено на основното образование, но не и на средното и нагласи дека само преку воведување на политичко образование можеме да инвестираме во општество каде што сегашните и идни граѓани ќе бидат способни да се борат за своите права и да ги држат институциите одговорни за својата работа пред граѓаните.

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири на настанот најави дека во тек е најкрупната реформа на основното образование што досега се случила кај нас со која ќе се воведат повеќе изборни предмети согласно интересите и афинитетите на учениците.

-Целата реформа е проектирана за да ги насочува младите повеќе да учат за демократијата, за мултикултурализмот, ги учи да бидат толерантни и по мирен пат да решаваат конфликти, како и да ги почитуваат различностите, нагласи министерот.

Во врска со политичкото образование, Шаќири истакна дека се согласни со Бирото за развој на образование за потребата за негово унапредување и воведување во погорните одделенија и средните училишта што се очекува да биде се воведено во учебната 2024/2025.

Според Зеќирија Хасипи, директорот на Бирото за развој на образование, отпочнатите реформи во образованието нема да бидат целосни без политичкото образование.

Тој нагласи дека Бирото за развој на образование се залага што повеќе содржини од политичко образование да се интегрираат во предметите од редовната настава.

Професорите од Правниот факултет во Скопје, воедно и автори на анализата, проф. д-р Ненад Марковиќ и проф. д-р Иван Дамјановски, на дебатата ги истакнаа главните елементи од анализата.

-Недостигот од соодветна политичка социјализација кај младите, како и општиот недостиг на демократски капацитет на македонското општество негативно влијаат врз ставовите и вредностите на сите возрасни групи, вклучително и младите, истакна Марковиќ.

Тој претстави преглед во однос на тоа каде досега се среќаваат содржини поврзани со политичкото образование, со што се донесе заклучокот дека гимназиското образование не опфаќа доволен обем на политичко образование, за разлика од средните стручни училишта каде што имаме задолжителни предмети, кои го обработуваат овој оддел.

Марковиќ истакна дека од анализите се забележува дека дури 57 отсто од младите не се воопшто заинтересирани и не ги следат политичките настани, но тоа што него најмногу го загрижува, како што рече, е дека според резултатите од анализата младите повеќе веруваат во теории на заговор од постарите.

-Индексот на медиумска писменост е најнизок кај нас од земјите од Југоисточна Европа, нагласи Марковиќ, додавајќи дека нашата држава покажува слаби резултати и на ПИСА тестовите во областите читање, математика и природни науки.

Според Дамјановски воведувањето на предметот политичко образование во сите средношколски установи, како и инвестирање во квалификуван наставен кадар се најважните фактори кои ја зголемуваат ефективноста на политичкото образование врз политичката култура, демократската свест и политичката партиципативност кај младите.

Дамјановски го истакна моделот за политичко образование на Данска како најуспешен модел во светот.

Анализата е изработена на почетокот на 2023 година, како активност на ВФД и Претседателскиот центар за политичко образование, во рамки на проектот „Практикувај демократија“ финансиран од Британската амбасада. Автори на анализата освен Дамјановски и Марковиќ е и проф. д-р Александар Спасов.